Зеленски: На мета на руската агресија е цела Европа!

Украинскиот претседател – Володимир Зеленски рече дека мета на руската агресија е цела Европа и дека запирањето на инвазијата врз Украина е од суштинско значење за безбедноста на сите демократии. Тој во своето обраќање истакна дека Русија нема намера агресијата да ја ограничи само на Украина, туку „целиот европски проект е мета на Русија“.

„Затоа не е само морална обврска на сите демократии, на сите сили на Европа, да ја поддржат желбата на Украина за мир. Ова е всушност одбранбена стратегија за секоја цивилизирана земја“ – нагласи Зеленски во обраќањето до јавноста откако Украинците продолжија да бегаат од источните делови на земјата.

Тој уште еднаш повика на ембарго на рускиот гас и нафта, што ги нарече извори на руската „самодоверба и неказнивост“.

„Слободата нема време за чекање. Кога тиранијата ќе започне агресија против сè што го штити мирот во Европа, тогаш мора итно да се преземат акции“ – порача украинскиот претседател.