Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ги обвини руските сили, кои го окупираа поголемиот дел од украинскиот регион Харков, за широко распространето мачење на населението. Најмалку 10 места за тортура се откриени во ослободениот источен регион, рече тој во своето вечерно видео обраќање.
„Тортурата беше широко распространета практика на окупираната територија“ – рече украинскиот претседател, нарекувајќи ги окупаторите, кои побегнаа од украинската контраофанзива пред една недела, „фашисти“.
„Русите за своите постапки ќе одговараат на суд“ рече Зеленски.
„Ќе ги утврдиме идентитетите на сите оние кои мачеа и малтретираа луѓе, кои овие злосторства од Русија ги донесоа овде на украинска територија“ порача тој.
Доказ за тортура е пронајден и меѓу телата откриени во масовна гробница во шума во близина на градот Изјум, рече Зеленски, додавајќи дека работата за ексхумација на мртвите продолжила вчера.