Зеленски: Нашата иднина е во ЕУ, Украина е подготвена да влезе во НАТО

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски за време на денешната посета на Молдавија изјави дека Украина е подготвена да биде во НАТО и дека Киев чека блокот да биде подготвен да ја прими неговата земја.

Тој, исто така, ја повтори желбата на Украина да се приклучи на Европската унија, објави Ројтерс.

„Ние ја поддржуваме Молдавија и нејзиниот народ да се интегрираат во ЕУ. Ги поддржавте нашите луѓе, нашите бегалци кои избегаа во првите денови од војната и тоа никогаш нема да го заборавиме“, рече Зеленски во присуство на молдавската претседателка Маја Санду, пренесува Танјуг.

„Нашата иднина е во ЕУ. Украина е подготвена да влезе во НАТО“, рече Зеленски

Инаку, во Кишињев македонскиот премиер Димитар Ковачевски се сретна со Зеленски.

Тој ја истакна силната поддршка која Северна Македонија ја дава на Украина од почетокот на воената агресија од Русија врз Украина во февруари минатата година.

„Северна Македонија ја осуди бруталната воена агресија која Русија ја врши врз независна и суверена Украина. Го подржуваме суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и нејзиното право да го трасира самостојно својот пат. Обезбедивме и ќе продолжиме да обезбедуваме поддршка во секоја форма која на Украина ѝ е потребна”, истакна меѓу другото премиерот Ковачевски.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски се заблагодари за поддршката која украинскиот народ ја добива од Северна Македонија, истакна дека таа доаѓа во клучни моменти.
„Не правевте калкулации, бевте покрај нас од првиот ден и украинскиот народ и ние го цениме тоа”.