Зеленски му наложи на Умеров да ја врати довербата во Министерството за одбрана

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска му нареди на новиот министер за одбрана Рустем Умеров да ја намали бирократијата и да ја зголеми довербата во неговиот оддел по серијата обвинувања за корупција.

Претставувајќи им го Умеров на високи воени и одбранбени функционери, еден ден откако парламентот го одобри неговото назначување, Зеленски ги изложи приоритетите за него, вклучително и развој на меѓународната соработка и насочување на Украина кон членство во НАТО.

„Ни треба поголема доверба. Доверба во одлуките што се носат, доверба во набавките, доверба во снабдувањето“, рече Зеленски.

Тој рече дека промените треба веднаш да се направат, доколку се неопходни за доброто на војниците, пренесува Ројтерс.

Потребна ни е нова филозофија на односот кон украинската армија, луѓето не се за еднократна употреба“, рече Зеленски, пренесува Танјуг.

Умеров рече дека меѓу неговите приоритети ќе биде неговото министерство да стане главна институција за координација на одбранбените сили, како и поголемо вреднување на војниците, развојот на воената индустрија на Украина и борбата против корупцијата.

Тој исто така рече дека има за цел да ја зајакне меѓународната коалиција на сојузниците на Украина и да склучи „дури и неочекувани партнерства“.

Умеров (41) го замени Олексиј Резников како министер за одбрана, кој беше разрешен по обвинувањата за корупција што украинските медиуми ги покренаа против тоа министерство, главно поврзани со набавките.

Резников не се соочи со обвиненија за корупција.