Украинскиот претседател Володимир Зеленски и германскиот министер за одбрана Борис Писториус ги посетија украинските војници кои се обучуваат за користење на системот за воздушна одбрана Патриот.
Зеленски и Писториус попладнево посетија област за воена обука во северна Германија. Точната локација не беше соопштена од безбедносни причини, јави ДПА.
Зеленски денеска пристигна од Берлин, каде што учествуваше на меѓународната конференција за обнова на неговата земја, а потоа одржа говор во Бундестагот.
Тој нагласи дека се потребни уште најмалку седум Патриот системи за заштита на украинските градови и метрополите. „Воздушната одбрана е одговорот на сè“, рече тој, мислејќи на руските напади со бомби, крстаречки ракети и дронови.
Германија досега ја снабди Украина со два системи Патриот и придружни ракети. Третата единица, на која во моментов се обучуваат украински војници, и е ветена на Украина и наскоро треба да биде испорачана.
Според Бундесверот, девет системи ќе останат во Германија. Во моментов се нарачуваат осум нови системи.
Ракетниот систем за противвоздушна одбрана „Патриот“ може да се користи за борба против непријателски авиони, балистички ракети и крстаречки ракети. Одбранбените проектили можат да погодат цели на оддалеченост од околу 100 километри на надморска височина до 30 километри.