
Зеленски: Европскиот принцип на неповредливост на границите мора да биде заштитен
- Сега сме во критичен момент и тесно работиме со САД, европските партнери и многумина други за да ги пронајдеме чекорите што може да го завршат рускиот напад врз нас и да донесат вистинска безбедност. Има многу медиумска врева, политички притисоци и огромна одговорност за одлуките што се носат, нагласи Зеленски.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска се обрати преку видеоврска на Четвртиот парламентарен самит на Меѓународната кримска платформа, нагласувајќи дека е од суштинско значење да се поддржат принципите врз кои почива Европа – почитување на човечкиот живот, неповредливост на границите и забрана тие да се менуваат со сила.
– Секоја нација и секоја држава мора да бидат почитувани. Моралниот принцип што ја одржа Европа во мир подолго отколку кога било во нејзината историја мора да биде заштитен. Принципите се јасни: почитување на човечкиот живот, неповредливост на границите, забрана тие да се менуваат со сила, како и забрана за кражба, која често се користи за злоупотреба, за да се прикрие желбата за доминација над другите народи и водење агресивни војни, рече Зеленски
Тој се заблагодари на Шведска за поддршката на Украина во нејзината борба за слобода.
Зеленски предупреди дека во светот постојат „илјадници потенцијални конфликти“, но дека мирот во најголем дел се одржува благодарение на меѓународното право, конвенциите, договорите и Повелбата на ОН.
– Ако тие принципи не функционираат овде, во Европа, каде би функционирале? Тоа е реторичко прашање и зад него стои глобален страв дека светот на мирот може повторно да стане свет на темнина. Тоа не смееме да го дозволиме, додаде тој.
Зеленски истакна дека Украина тесно соработува со САД, европските партнери и други држави во обид да се пронајде пат кон завршување на војната.
– Сега сме во критичен момент и тесно работиме со САД, европските партнери и многумина други за да ги пронајдеме чекорите што може да го завршат рускиот напад врз нас и да донесат вистинска безбедност. Има многу медиумска врева, политички притисоци и огромна одговорност за одлуките што се носат, нагласи Зеленски.
Тој додаде дека се направени некои чекори кон мир, но недоволно за да се стави крај на војната, и дека Украина продолжува да работи со партнерите во потрага по компромиси кои ќе ја зајакнат нејзината позиција.
Шведската министерка за надворешни работи Марија Малмер Стенергард истакна дека траен мир во Украина е можен само доколку границите не се менуваат со сила и дека не смее да има ограничувања за украинската војска, бидејќи тоа би довело до „натамошна руска агресија“.
Претседателот на украинскиот парламент, Руслан Стефанчук, изјави дека „црвените линии“ за Украина во преговорите, односно за неа е неприфатливо формално признавање на окупираните територии, ограничување на украинските одбранбени сили и ограничување на идните сојузи.
– Тие ставови Украина одамна ги соопшти, но тие се спротивни на предлозите во мировниот план поддржан од САД, кој ѝ беше претставен на Украина минатата недела, рече Стефанчук. Тој додаде дека членството во ЕУ и НАТО мора да биде дел од украинските безбедносни гаранции и секој мировен план.