Зеленски до своите дипломати: Треба интензивно да работите, да освојувате срца за Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од украинските дипломати да работат интензивно во следните 12 месеци за да ги „освојат срцата“ на украинската страна во војната со Русија. На средбата Зеленски на дипломатите им ги додели најважните задачи за следната година.

Меѓу нив се набавката на повеќе оружје за Украина, поблиските врски на Украина со НАТО и ЕУ за помош на украинската индустрија за оружје, соопшти кабинетот на украинскиот претседател.

Украинскиот претседател нагласи дека, кога станува збор за натамошно приближување кон НАТО, клучот „не треба да се бара на повисоки политички нивоа“.

„Мораме да ги убедиме општествата (на западните земји), како што ги убедивме, да се соберат околу Украина на почетокот на војната“, рече Зеленски.

„Ни треба повеќе оружје, бидејќи никој нема да се предаде“, додаде тој.

„Секој од вас кој може да и помогне на Украина да го зголеми производството на оружје, гранати, опрема, противвоздушна одбрана во Украина, нека го стори тоа“, нагласи украинскиот претседател.

Украинските дипломати треба да помогнат и во барањето финансиска поддршка.

Фокусот е на руските средства замрзнати на Запад, кои, според некои западни политичари, би можеле да се искористат за обнова на Украина разурната од војна.