Зеленски доби уверување од Бајден дека ќе стигне нова воена помош за Украина

Џо Бајден го увери Володимир Зеленски дека силната поддршка на САД за Украина ќе продолжи, и покрај спротивставувањето од некои републикански пратеници да се испраќа дополнителна воена помош вредна милијарди долари. Двајцата лидери се сретнаа во Белата куќа, по што Зеленски, кој претходно имаше обраќање во Обединетите нации, замина во ненајавена посета на Канада.

„Господине претседателе, ние сме со вас, остануваме со вас“, му кажа Бајден на Зеленски, кој притоа му се заблагодари за нова помош од 325 милиони долари во оружје и противвоздушна одбрана.

Бајден се бори да обезбеди пакет воена и хуманитарна помош за Украина од 24 милијарди долари, што го кочат некои републиканци во Претставничкиот дом. Колку е силно нивното спротивставување најдобро одразуваат зборовите на сенаторот Ренд Пол, кој кажа дека Украина е коруптивен режим и дека на војната не ѝ се гледа крајот.

Бајден најави дека првите тенкови „абрамс“ ќе бидат испорачани во Украина следната недела, а ќе ѝ даде и втор противвоздушен систем „хок“.

И додека Украина и натаму добива воена поддршка од САД, која досега изнесува над 110 милијарди долари, дипломатските тензии се во пораст откако Зеленски во Њујорк ги критикуваше Полска, Унгарија и Словачка поради нивната забрана за увоз на украинско жито. Полска вчера кажа дека веќе нема да праќа оружје во Украина, туку ќе се фокусира на модернизирањето на сопствената војска.