Зеленски го покани Трамп да ја посети Украина пред каков било договор со Русија

-Но, ве молам, пред какви било одлуки, каков било облик на преговори, дојдете и видете ги луѓето, цивилите, воините, болниците, црквите, уништените или мртвите деца, рече Зеленски во интервјуто за американската телевизија Си-Би-Ес.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски побара од американскиот претседател Доналд Трамп да ја посети неговата земја и да биде сведок на трагедијата во актуелната војна пред да се посвети на какви било наводни мировни решенија со Русија.

Свесен за непријатната средба со американскиот лидер во Вашингтон во февруари, Зеленски ја повтори својата почит кон позицијата на САД.

-Но, ве молам, пред какви било одлуки, каков било облик на преговори, дојдете и видете ги луѓето, цивилите, воините, болниците, црквите, уништените или мртвите деца, рече Зеленски во интервјуто за американската телевизија Си-Би-Ес.

Се надевам дека Трамп тогаш ќе разбере со што си има работа, додаде украинскиот претседател.

-Ќе разберете што направи Путин, констатира тој.

Си-Би-Ес сними интервју со Зеленски за време на посетата на неговиот роден град Криви Рих. Таму во руски ракетен напад на 4 април загинаа 19 лица, меѓу кои девет деца и еден тинејџер.

Вчера, пак, во градот Суми, на истокот од земјата, во нор руски ракетен напад загинаа најмалку 34 лица.

Според Зеленски, рускиот поглед на војната, која трае повеќе од три години, преовладува во новата американска администрација.

Тој беше особено критичен кон потпретседателот Џеј-Ди Венс, кој го предводеше нападот врз Зеленски за време на неговата посета на Белата куќа на крајот на февруари.

-Се обидов да објаснам дека не можете да барате нешто на средина. Има агресор и има жртва, рече Зеленски.