Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко и другите градски водачи за небрежност, откако се појавија извештаи од сведоци дека цивили загинале претходно оваа недела, бидејќи засолништето не било отворено навреме.
Три лица загинаа, меѓу кои едно девојче (9) и нејзината мајка, како последица на паѓање на остатоци од ракета додека чекале надвор од прифатилиштето.
Кличко одговори, велејќи дека треба да ја споделат одговорноста за трагедијата, пишува Гардијан.
„Должност на локалните власти е да обезбедат засолништата да бидат достапни 24 часа на ден. Болно е да се гледа негрижата и жртвите од неа“, рече Зеленски.
Јарослав, сопругот на починатата Наталија, за украинската јавна служба изјавил дека вратите на прифатилиштето, клиника во североисточниот дел на Киев, останале затворени откако се огласила сирената за тревога.
„Луѓето тропаат на врата долго време. Имаше жени и деца, но никој не ја отвори вратата“, рече тој.
Како резултат на тоа, додава тој, нивната ќерка морала да биде сведок на смртта на нејзината мајка. Останатите додадоа дека чуварот на засолништето не ја отворил вратата во краткиот интервал помеѓу активирањето на сирената и паѓањето на ракетните остатоци.
Украинскиот претседател директно не го именуваше Кличко или кој било друг функционер, но акцентот на локалните власти укажа дека тој чувствува дека одговорноста е кај лидерите на главниот град.
Од крајот на април Киев стана цел на речиси секојдневни руски ракетни напади и напади со беспилотни летала, а жителите на главниот град на Украина се будат околу 2 часот по полноќ и одат во засолништа.
Воздушните напади се случуваа претходните шест ноќи по ред.