Зеленски го бара ветеното оружје во целост

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во интервју за неколку европски медиуми, порача дека на неговата земја и треба време за да тргне во долгонајавуваната офанзива против руските сили, но и оружје што е ветено од западните земји.

Украинската офанзива, чиј почеток беше најавуван за рана пролет, кога и временските услови ќе овозможат движење на оклопни возила по калливиот терен, би можела да го одлучи конечниот исход на војната и да ги помести линиите на фронтот кои со месеци се непроменети.

„Со ова што моментно го имаме, можеме да тргнеме во офанзива и да бидеме успешни. Но, ќе загубиме многу луѓе, што сметам дека е неприфатливо. Затоа мора да почекаме, ни треба уште време“, изјави Зеленски.

Тој нагласи дека борбените единици, од кои дел беа обучувани во земји членки на НАТО, се подготвени, меѓутоа на војската и требаат уште некои работи, како оклопни возила кои пристигнуваат во серии. Руските сили утврдија одбранбени позиции на фронтот долг 1.450 километри и се простира од источните региони на Доњецк и Луганск до Запорожје и Херсон на југ.

Зеленски изрази уверување дека украинската војска може да напредува на фронтот, но воедно предупреди и на опасноста од „замрзнат конфликт“. За Киев, било кој исход што Западот ќе го оцени како неуспех, ќе значи намалување на воената поддршка и зголемување на притисокот кон Украина да влезе во преговори со Русија. Во моментот, речиси петтина од територијата на Украина, е под контрола на руските сили.