Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денеска на американскиот Национален одбранбен универзитет дека се надева дека сè уште може да смета на Соединетите држави, започнувајќи ја клучната посета на Вашингтон поради прашањата за виталната американска безбедносна помош.
„Нема да се откажеме. Знаеме што треба да направиме и можете да сметате на Украина и се надеваме дека ќе можеме да сметаме на вас во иста мера“, рече Зеленски во своето обраќање на Универзитетот за национална одбрана на САД.
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го предупреди Конгресот дека необновувањето на воената помош за Украина може да ја преврти речиси двегодишната војна во корист на Русија, создавајќи закани за националната безбедност за Западот.
Зеленски е поканет на средби во Белата куќа и со конгресмени. Многу републикански пратеници се сомневаа во продолжувањето на помошта за Украина.
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин предупреди дека Путин се уште се надева дека ќе постигне победа во Украина. Остин, исто така, понуди гаранции за „непоколеблива“ американска поддршка за земјата.
„И покрај неговите злосторства и покрај неговата изолација, Путин сè уште верува дека може да ја надживее Украина и да ја надживее Америка. Но, тој греши“, рече Остин.
„Американските обврски мора да се почитуваат“, додаде тој, очигледно апелирајќи до Конгресот.
Конгресот одобри повеќе од 110 милијарди долари за Украина од руската инвазија во февруари 2022 година, но не одобри никакви средства откако републиканците го презедоа Претставничкиот дом од демократите во јануари.