Зеленски: Војната може да ја запре тој што ја почна!

Претседателот на Украина – Володимир Зеленски денеска ја одржа првата прес-конференција во Киев од почетокот на војната во неговата земја.

„Војната можат да ја спречат само тие што ја започнаа“ – рече Зеленски на почетокот на обраќањето.

Прашан дали сè уште инсистира на средба со рускиот претседател Владимир Путин и дали смета дека разговорите со него ќе стават крај на војната, тој рече дека војната може да ја запре само тој што ја започнал.

Зеленски инсистира на завршување на војната и потенцираше дека секој „здрав човек попрво би го избрал дипломатскиот пат“ за да ги реши прашањата отколку со воено решение.

Украинскиот претседател додаде дека не се плаши за својот живот, но дека неговото семејство е многу загрижено за него. Рече и дека не се плаши од средба со Путин.

„Немам право да се плашам бидејќи нашиот народ покажа дека нема страв“ – рече Зеленски.

Според него, зборовите „Русија“ и „доверба“ се антоними, па за Русите кажа и дека кога „тие нешто ќе кажат, нивните зборови не соодветствуваат со делата“.

За мировните преговори, Зеленски кажа дека украинските преговарачи ќе се повлечат од нив доколу Москва ги убие украинските сили кои сè уште се наоѓаат во фабриката за челик „Азовстанл“ во Мариупол.

„Ако нашите луѓе бидат убиени во Мариупол, Украина ќе се повлече од каков било преговарачки процес“ – порача украинскиот претседател.