Претседателот на Украина – Володимир Зеленски во нова видео порака до Украинците утринава кажа дека жените и децата од неговата земја кои се евакуирани во Европа се третираат достоинствено, а на границата нема хуманитарна криза.
„Успеавме да спречиме хуманитарна криза на границата. Успеавме да ја организираме ситуацијата така што илјадници Украинки и деца беа третирани достоинствено. Никој не прашува која е нивната националност, каква вера, колку пари имаат. Всушност, ние веќе немаме граница со пријателска Полска, бидејќи сме на страната на доброто, немаме граници“ – рече Зеленски.
Тој кажа дека ноќеска разговарал со претседателите на Франција и Полска и дека такви разговори има секој ден, а интеракцијата е постојана. Изрази надеж дека наскоро сите Украинци кои ја напуштиле земјата поради војната ќе можат да се вратат дома.
„Сигурен сум дека наскоро ќе можеме да му кажеме на нашиот народ: вратете се! Вратете се од Полска, Романија, Словачка и сите други пријателски земји. Вратете се, бидејќи нема повеќе закана“ – рече Зеленски.