Зеленски: Ако сака да преживее, време е руската војска да бега

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски ја повика руската војска да се повлече пред големата офанзива што Киев ја започна близу Херсон во јужниот дел на земјата. Како што истакна, Украина ќе си ја врати својата територија.

„Ако сака да преживее, време е руската војска да бега. Одете си дома, Украина си го враќа своето“ – нагласи Зеленски во ноќното обраќање до јавноста.

Според советникот на украинскиот претседател, Алексиј Арестовиќ, руската одбрана е „пробиена за неколку часа“.

Тој наведе дека украинските сили гранатирале руски линии за снабдување на западниот брег на Дњепар во областа Херсон.

Руски медиуми пишуваат дека руското Министерство за одбрана соопштило оти украинските трупи се обиделе со офанзива во областите Николајев и Херсон.