Здружение на судии: Ставањето на „црната листа“ на САД на кој било судија е сериозен удар за неговата чест и углед

Беџети стана познат по чувањето во фиока на предметот за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков. Тој беше парично казнет шест месеци со 20 отсто од платата.

Здружението на судии на Република Северна Македонија денеска повикаа на брзо разрешување на случајот со судијата на Апелацискиот суд Скопје, Енвер Беџети, заради заштита на независноста и интегритетот на судската фела во земјава. Беџети, заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби, се најде на црната листа на САД.

„Имајќи го предвид значењето на етичкото однесување и интегритет на судиите кое треба да биде неприкосновено и во согласност, пред се со Уставот и законите на нашата земја, но и согласно меѓународните закони и препораките на Европската Унија и Соединетите Американски Држави како наши стратешки партнери, Здружението повикува на брзо разрешување на случајот, пред се заради зачувување на независноста и интегритетот на судската фела во земјата“, велат од Здружението на судии.

Ставањето на црната листа на САД на било кој судија е сериозен удар за честа и угледот на конкретниот функционер на судската власт, односно за судијата Беџети, додаваат од Здружението.

Беџети стана познат по чувањето во фиока на предметот за случајот „Таргет-Тврдина“ во кој првообвинет беше екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков. Тој беше парично казнет шест месеци со 20 отсто од платата.