
Зголемени приходите од закупи, становите со најголемо учество
Во секој месец од второто полугодие од 2025 година остварени се повисоки приходи од закуп на недвижности во државава во однос на истиот период на 2024 година. Тоа, според Агенцијата за катастар на недвижностите, ги нагласува стабилноста на пазарот, зголемената побарувачка за изнајмување и подобрената наплата или зголемувањето на цените на закупот.
Во секој месец од второто полугодие од 2025 година остварени се повисоки приходи од закуп на недвижности во државава во однос на истиот период на 2024 година. Тоа, според Агенцијата за катастар на недвижностите, ги нагласува стабилноста на пазарот, зголемената побарувачка за изнајмување и подобрената наплата или зголемувањето на цените на закупот.
Анализата на податоците на АКН за пазарот на станбениот закуп покажува значајни разлики во бројот на изнајмени станови и висината на закупнината по општини. Во урбаните и економски поразвиените општини се забележува поголема концентрација на закупени станбени единици, што е резултат на зголемената побарувачка од студенти, ученици, млади професори и работници кои се преселуваат во централните градски области. Истовремено, во овие општини се регистрирани повисоки просечни цени на закупнините, кои се движат во рамки што одговараат на подобра инфраструктура, пристапност до услуги и поголема атрактивност на локацијата. Во периферните општини, бројот на закупени станови е значително помал. Таму цените на закупнините се помали што се должи на пониската побарувачка.
Според Агенцијата за катастар на недвижности, порастот на побарувачката на закупување на станови во одредени урбани општини упатува на потребата од планирање дополнителни станбени капацитети и политики за достапно домување.

Најмногу закупи на станови во второто шестмесечје за 2025 година има во Центар – 502, по што следуваат Штип – 356, Аеродром – 301, Карпош – 257.
Највисока вкупна вредност на остварена цена од закуп на станови постигната е во Центар, 11.413.380 денари, Аеродром, 5.898.230 денари, Карпош 5.742.485 денари.
Највисоката просечна месечна закупнина на стан во Центар 22.736, а најниска во Бутел 3.489 денари
Највисока просечна цена на месечна закупнина на станбена единица во централните скопски општини постигната е во Центар, 22.736 денари, Карпош, 22.344 денари, Аеродром, 19.595 денари, Ѓорче Петров, 16.714 денари, Гази Баба, 15.799 денари, Тетово, 14.896 денари, а најниска во Бутел, 3.489 денари.
– Анализата на опсегот на постигната цена на месечни закупнини по станбени единици во втората половина од 2025 година покажува дека најнизок забележан минимум на месечна закупнина за стан има во Струмица 83 денари, а највисок забележан максимум има во Центар 230.450 денари, се вели во Извештајот од Регистарот на цени и закупнини на недвижности за втората половина од 2025 година.

Во втората половина од 2025 година евидентирани се 5237 закупи, за 14,2 проценти повеќе во однос на истиот период од предходната година. Најголем број од овие закупи припаѓаат на станови, 2156 (41 процент) и на деловни простории, 1651 (32 проценти). Куќите учествуваат со 13 проценти или со 699 закупи, земјоделското земјиште и шумите со 10 проценти или 515 закупи, градежното земјиште со 1 процент или 66 закупи, индустриските објекти со 2 проценти или 95 закупи, гаражите со 0,5 проценти или 25 закупи, а останатите недвижности со 1 процент или 30 закупи од вкупниот пазар на закупи на недвижности.
Во јули имало 826 закупи, во август 614, во септември 755, во октомври 1.106, во ноември 959, а во декември 988.
– Во ноември остварен е најголем вкупен приход од месечни закупнини во висина од 453,6 илјади евра, што е значително повеќе од ноември 2024 година кога е достигната вкупна месечна закупнина од 396,2 илјади евра. Во август 2025 година остварен е најмал вкупен приход од месечни закупнини во висина од 226,4 илјади евра. Тоа е раст ако се спореди со вкупниот приход од месечни закупнини остварен во истиот месец 2024 година кога достигнува 224,8 илјади евра – покажуваат податоците на Агенцијата за катастар на недвижности.
Оттаму го потенцираат високото учество во бројот на закупи на становите, кои во второто шестмесечје на 2025 година изнесуваат 2156 закупи со вкупно остварена цена во висина 553,1 илјада евра, што претставува пораст во споредба со приближно 1865 закупи и вкупно остварена цена во висина 465,7 илјада евра во 2024 година.
– Трендот укажува на зголемена побарувачка за станбен простор и поголема динамика на пазарот на издавање станови, оценуваат од АКН.
Катастарот наведува дека значителен раст забележан е и кај категоријата деловни простории, каде бројот на закупи во 2025 година е 1.651 и вкупна цена од 1182,7 илјада евра, додека во 2024 година тој број изнесувал 1.444 закупи и вкупна цена од 938,7 илјада евра. Овој раст, според Катастарот, може да се поврзе со зголемена економска активност, повеќе компании започнуваат или го прошируваат своето работење, и доверба на бизнисите во економските услови и пазарот.
Кај категоријата куќи, има благ пораст на побарувачата на закупување. Бројот на закупи во 2025 година е 699 и вкупно остварена цена од 184,8 илјада евра, а во 2024 изнесувал околу 684 закупи со вкупна цена од 165,6 илјада евра.
Раст е забележан и кај категоријата земјоделско земјиште и шуми, каде бројот на закупи е зголемен од 384 во 2024 година на 515 закупи во 2025 година.
Кај индустријата, бројот на закупи останува релативно стабилен, со благ пад во 2025 година или вкупно 95, додека во 2024 година тој број изнесувал 99.
Според АКН, во категориите градежно земјиште, останати недвижнини и гаражи, бројките покажуваат умереност, што укажува на широката употреба на овие типови недвижности, иако нивното вкупно учество е значително пониско во споредба со главните категории.
– Податоците покажуваат дека во второто шестмесечје во 2025 година, вкупната вредност на месечните закупнини на деловни простории, станови, земјоделско земјиште и шуми, гаражи, индустрија и куќи во однос на истиот период од претходната година, бележи пораст, што покажува зголемен пазарен интерес за овој тип на недвижности. Вкупната вредност на месечните закупнини споредено со претходната година има пад кај градежното земјиште, наведува Катастарот.