Збогување со Бенедикт XVI во базиликата Свети Петар

Телото на поранешниот папа Бенедикт од денеска е положено во базиликата Свети Петар. Таму ожалостените верници треба да се простат од него до среда навечер. Надлежните очекуваат околу 35.000 посетители дневно.

Денеска покојникот е префрлен во базиликата Свети Петар во Ватикан за да можат верниците да се простат од него.

„Тоа е горчлив и тажен момент, но ние сме уште неколку дена тука и дефинитивно ќе одиме да се помолиме“, велат двајца туристи од северна Италија.

„Би сакале да одиме и да се збогуваме со него, но сигурен сум дека има многу луѓе“.

И Дариуш од Полска, кој студира на Папскиот Грегоријански Универзитет, може да си замисли да го посети телото.

„Деновиве ние дефинитивно ќе мислиме на него и ќе се молиме за него. Тоа впрочем беше и неговата, молба, неговите последни зборови беа: Молете се за мене“

Посетителите можат да се збогуваат со Бенедикт до среда навечер. Деновиве базиликата Свети Петар е отворена до 19 часот. Според римските власти, секој ден се очекуваат околу 35.000 посетители, во нормални времиња има околу 20.000.

Ватиканската полиција вчера почна со подготовка на мерките за претпазливост за посетителите кои ќе дојдат да се простат со папата Бенедикт. Но, за разлика од погребот на папата Јован Павле Втори во април 2005 година, не се очекува масовна посета.

На погребната церемонија се очекуваат 60.000 луѓе

Погребот на Бенедикт Шеснаесетти е закажан за четврток. Според желбата на починатиот папа, тоj треба да биде свечен, но едноставeн, како што соопшти прес-службата на Ватикан.
Реквиемот ќе го предводи папата Франциско, кој на новогодишна миса се молеше за својот претходник. „Денес и го доверуваме нашиот сакан папа Бенедикт XVI на Пресвета Богородица да го придружува при неговото преминување од овој свет кон Бога!“

На погребот на Бенедикт се очекува да присуствуваат околу 60.000 луѓе, меѓу кои кардинали и шефови на држави. Своето присуство го најави и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.