За 5 години банките дале 323 милиони евра за „зелени кредити“
Во првиот квартал од 2024 година е забележен годишен раст од 26,37% на таканаречените зелените кредити. Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, „зелените кредити” се зголемени за 2,8 пати, информира Народна банка.
Според податоците на Народната банка, на крајот од првото тримесечје од 2024 година, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 19,86 милијарди денари (околу 323 милиони евра).
За споредба, на крајот на 2019 година тие изнесувале 7,17 милијарди денари денари.
Заклучно со првото тримесечје од 2024 година, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 18,77 милијарди денари (повеќе од 305 милиони евра), додека на домаќинствата изнесува 1,08 милијарди денари (17,7 милиони евра).
Расте и уделот на зелените во вкупните кредити, иако сѐ уште е на ниско ниво. Oд крајот на 2019 година, заклучно со првото тримесечје од 2024 година, учеството на зелените во вкупните кредити е зголемено од 2,2% на 4,5%.
Зелените кредити се заеми наменети за проекти коишто поддржуваат одржливи, еколошки цели, или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што е развивање нова еколошка технологија.