Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити денеска на средба со претставниците од Синдикатот за здравство по повод потпиша Спогодбата меѓу МЗ и Синдикатот за ново зголемување на платите на медицинскиот персонал од јавното здравство.
Станува збор за утврдување најниска плата на вработени во здравството и ќе се операционализира покачувањето од 10 отсто за сите вработени во здравството, предвидено со општиот колективен договор.
– На денешната средба ја потпишавме Спогодбата за ново зголемување на платите на здравствените работници, како и анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност, со кој се врши зголемување на платите на вработените во јавните здравствени установи со плати пониски од минималната. Ова е второ покачување на платите на здравствените работници годинава. Наша заложба е да имаме мотивирани здравствени работници кои посветено работат и обезбедуваат квалитетна здравствена заштита за пациентите – истакна на средбата министерот Меџити.
Поединечни колективни договори ќе бидат склучени со Самостојниот синдикат на вработените во универзитетските клиники, центри, клинички болници и други јавни здравствени установи во државата.