За што се сомничи Димитровска во случајот „Адитив“: Оддавала службени тајни

Покрај Димитровска, во рамките на предметот „Адитив”, од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште две лица. Димитровска е третоосомничена.

Веста дека претседателката на Антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена за вмешаност во случајот за набавката на адитиви за РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ беше на нивото на шокантен политички настан ова попладне. Никој не можеше да разбере каква може да биде поврзаноста на жената која е на чело на комисијата чија задача е да се бори против корупцијата во коруптивниот случај од огромни размери во кој се води истрага за триесетина лица.

Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК) подоцна вечерва фрли мала светлина за „злоделата“ за кои се сомничи Димитровска.

Покрај Димитровска, во рамките на предметот „Адитив”, од прибраните докази донесена е Наредба за спроведување на истрага за уште две лица. Димитровска е третоосомничена.

Што вели во своето соопштение ОЈОГОКК:

„Третоосомничената со умисла, како службено лице претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на лице обвинето во предметот ‘Адитив’ му направила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна. Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, како и одлуки за тие предмети, како и податоци за проверка на неговиот и на имотот на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат пред ОЈОГОКК“, вели обвинителството.

Судијата на претходна постапка го прифатил предлогот на обвинителството и донесе одлука со која на Димитровска привремено ѝ е одземен пасошот и донесена е забрана за издавање нов; и забрана за преземање на одредени работни активности поврзани со кривичното дело, информираа од Кривичен суд.

Предметот „Адитив“ се однесува на истрага за злоупотреба на јавни набавки и перење пари во врска со набавката на адитиви за јаглен за потребите на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“. Обвинети се 31 физичко лице и 5 правни лица.

Инаку, Татјана Димитровска при презентацијата на својата кандидатура пред Комисијата за слекција на кандидатите во ноември 2023 доби максимален број бодови од пратениците на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и од Демократско движење, по 40, а доби речиси максимален број – 38, од претставникот на Народниот правобранител. Таа беше многу ниско рангирана од двајцата претставници на невладините организации.

Антикорупциската комисија под раководство на Татјана Димитровска (од февруари 2024) подолго време се смета дека ја забави битката против корупцијата што ја водеше претходниот состав на комисијата. Таа е особено подложна на критики од невладините организации.

Но овој состав на Антикорупциска стана познат по тоа што бараа дипломатски пасоши за себе затоа што патувале на семинари во странство, а и побаруваа да имаат на располагање службени возила.

Антикорупционерката остана без пасош и доби забрана за работа

Извор: Независен