Во петочното издание на Трилинг, претседателот на Институтот за демократија – Марко Трошановски рече дека „Лидерските средби не се преферирани од нашите граѓани, системот треба да има механизми каде ќе се дискутираат важни стратешки прашања, каде избраниците на народот ќе дојдат до консензус. Сега ситуацијата е на некој начин пред свршен чин. Опозицијата долго време беше игнорирана, консултацијата со граѓанскиот сектор изостана. Ваквата лидерска средба е гасење пожар, па изгледите да вроди со плод се мали. Добро е за државата да покажеме дека можеме да разговараме без препукување и агресија еден кон друг“.
Размислувањето на Трошановски за лидерската средба во среда е на почетокот на интервјуто за Трилинг:
Иако премиерот Ковачевски спомена дека освен лидерите на средбата која е закажана за в среда (7 јуни 2023 година) би присуствувале и неговиот и тимот на опозицискиот лидер, сепак, во владиното соопштение се наведува оти таа ќе се одржи помеѓу премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски во своето гостување во емисијата „360 степени“ во петокот изјави дека би било добро средбата со Ковачевски да биде во формат „еден на еден“, а не во формат на тимови, зашто, како што рече, претходните искуства му покажале оти во широк состав никогаш не се носеле заклучоци.
На средбата, како што соопштија од Владата, лидерот на власта и опозицијата ќе ги соочат своите ставови во врска со одлуките кои треба да се донесат во Собранието со цел продолжување на европската интеграција на земјава, како и за пристапот на државата во одржувањето на односите со соседите.
Според лидерот на опозицијата, пак, постојат две опции за кои би требало да се разговара на средбата – едната е таа што ја застапува владата на премиерот Ковачевски, односно влегување на процесот за уставни измени во Собранието и нејзиниот евентуален успех, а втората опција е што доколку не успеат уставните измени, со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ отворено кажува дека нема да го поддржи овој процес.