За три години 14 државни згради ќе бидат енергетски ефикасни, ќе се вложат 11,11 милиони евра

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини го финализираше Планот за реконструкција на згради кои ги користат лицата од јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – документ кој поставува јасна, тригодишна рамка за најобемната енергетска обнова на институции во земјата досега. Планот веќе е усвоен од Владата, по процес на усогласување со вкупно 33 институции, информираат од ресорното министерство.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) го финализираше Планот за реконструкција на згради кои ги користат лицата од јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – документ кој поставува јасна, тригодишна рамка за најобемната енергетска обнова на институции во земјата досега. Планот веќе е усвоен од Владата, по процес на усогласување со вкупно 33 институции, информираат од ресорното министерство.

-Овој стратешки документ произлегува од реформската агенда и законската обврска секоја година да се реконструираат најмалку 3 отсто од вкупната корисна подна површина на јавните згради. Притоа, мерките за енергетска ефикасност се задолжителен дел од секоја реконструкција. Во програмата се опфатени 14 јавни згради со вкупна корисна површина од 102.992 квадратни метри, во кои функционираат 33 институции, што секојдневно ги користат повеќе од 5.000 лица. Целта е намалени енергетски трошоци, подобрени услови за работа, помали емисии и модернизиран јавен сектор согласно европските стандарди, велат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Планот, како што посочуваат, ги групира зградите според нивната состојба и итноста на интервенцијата. Во првата група се објекти во лоша состојба, кои се приоритет за реконструкција: зградата на Министерството за здравство (заедно со Институтот за јавно здравје и ДСЗИ), зградата на Државниот завод за статистика, објектот на Агенцијата за катастар на недвижности и главната зграда на Управата за хидрометеоролошки работи.

-Втора група се објекти во добра состојба, но со значајни потреби од санација: дел од комплексот на Министерството за економија и труд, зградата во која се сместени Агенцијата за администрација, Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини, како и големиот административен блок на МИОА, МОН, МЛС, ДИК, Агенцијата за лекови, УМЕ и Секретаријатот за законодавство (НИП „Нова Македонија“). Во третата група се осум објекти претходно реновирани, но кои имаат потреба од енергетска надградба и современи системи, велат од Министерството и додаваат дека модернизација има јасен фокус: заштеда, ефикасност и обновливи извори.

Секоја зграда, потенцираат, ќе мине низ енергетска контрола, по што ќе се дефинираат конкретните мерки – од топлинска изолација на фасади и замена на прозорци, до поставување соларни системи за топла вода, фотоволтаици на кровните конструкции и модерни системи за греење, осветлување и автоматска контрола на потрошувачката.

-Овие интервенции се насочени кон драстично намалување на трошоците за енергија во јавниот сектор, кои традиционално се високи и го оптоваруваат буџетот на институциите. Паралелно, планот ги намалува емисиите на CO₂ за 29 отсто, односно за 1.091 тони годишно, што претставува значајна придобивка за квалитетот на воздухот во урбаните средини. Индикативната вредност на Планот изнесува околу 11,11 милиони евра, вклучувајќи технички контроли, проекти, надзор и изведба. Процесот ќе се одвива во координација со сите 33 институции чии објекти се предмет на реконструкција. Паралелно, Планот претставува важен чекор во транспонирањето на европското законодавство во делот на енергетската ефикасност (Директивата 2018/2002/EU и Регулативата 2018/1999/EU) и е директно усогласен со обврските кон Енергетската заедница, прецизираат од Министерството.

Најавуваат дека ќе работат на обезбедување финансиски средства, воспоставување функционална единица за спроведување, како и брза подготовка на документацијата потребна за старт на реконструкциите.

-Реализацијата на оваа тригодишна програма ќе значи подготвен јавен сектор со поефикасни и поекономични институции, современи стандарди за одржливост и директни придобивки за граѓаните. Помалку загадување, подобар квалитет на воздухот и поефикасно трошење јавни пари – придобивки што ќе ги почуствуваат и институциите и граѓаните, истакнуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.