За СДСМ изјавата на министерката за финансии дека не треба да се намалат платите на функционерите е „дрска и непримерна“
СДСМ ја оквалификува како „дрска и непримерна“ изјавата на министерката за финансии – Гордана Димитриевска Кочоска дека таа работела саботи и недели додека другите вработени биле на одмор, како и дека ќе си заминала ако ѝ се намалела платата.
Министерката на брифинг со новинарите на прашање дали ќе се намалат функционерските плати откако минатата година по одлука на Уставниот суд се зголемија за 78 отсто, рече дека решението не е во намалувањето на функционерските плати. Според неа министрите работат многу и напорно.
„Не знам што ќе правиме, но ако планираат да ги намалат – јас заминувам“, рече таа.
Министерката објасни дека министерската плата е 115 илјади денари и таа работејќи во приватна фирма пред да стапи на функцијата заработувала повеќе.
„Не мора да бидам тука, нека дојде друг тука да се справува, додека се тие по одмори, јас и сабота и недела бев на работа. И немав платено прекувремено. Прашајте по институции со дополнително управни одбори колку земаат, прашајте фамилијарно колку земаат и како се врзани и што прават“, рече Кочоска.
Реагираа од СДСМ.
„Знае ли Кочоска само колку медицински сестри, лекари, пожарникари работат и по два до три дена без пауза? Истите за кои таа вели дека нема да се покачуваат платите? Знае ли колку е навредливо и за вработените во институцијата која ја води да го кажува тоа? Дали заради тоа што можеби смета дека не заслужуваат таа ја поддржува политиката платите да не растат?“, реагираат од СДСМ.
Од таму посочуваат дека додека се правдаше како немало пари за покачување на платите буквално за ниеден вработен, додека смета дека минималната плата не треба да се качува, таа себе се прогласува за највредна и затоа нејзината плата не смее да се чепка.
„ВМРО-ДПМНЕ секој ден докажува дека е најарогантната Влада која сме ја имале и дека никој освен тие не е важен. Според ВМРО-ДПМНЕ сите треба да работат за минимум, но тие највредните може да патуваат со бизнис класи и да уживаат во своите примања“, велат од СДСМ.