За шестмина полицајци, МВР предлага постапка за утврдување одговорност во врска со придружбата на Гаши, кој патуваше на свадба во Косово.
Според соопштението на МВР, службените лица дозволиле без контрола границата да ја поминат и шест цивилни возила, покрај службеното возило на Гаши.
„Утврдено е дека, откако делегацијата, во која како носител се јавува претседателот на Собранието ја преминала границата на граничниот премин Долно Блаце во коловозната лента број 1, по неа поминале шест цивилни возила, кои во меѓу просторот на граничниот премин се приклучуваат на делегацијата, без да се изврши контрола на патниците и возилата, а во одреден временски интервал се затвораат сите ленти за излез од државата“ велат од МВР.
Од МВР соопштуваат дека за минување на автомобилите се грижел обезбедувањето на Гаши.
„Утврдено е дека Н.Б. наместо физичко обезбедување на претседателот на Собранието, врши дејствија на граничниот премин кај излезните кабини и царинските кабини, со кои овозможил цивилни автомобили да се приклучат кон делегацијата, но и да се даде приоритет на цивилен автомобил да ја помине државната граница“ велат од МВР.
Според МВР, со овие дејствија службените лица сториле сериозни повреди на работниот ред и дисциплина или не ги исполниле обврските утврдени со закон, колективниот договор, правилата и одредбите на Министерството за внатрешни работи и договорот за работа.
За ова прекршување Законот за внатрешни работи и Колективниот договор предвидуваат дисциплински мерки за кои во иднина треба да се одлучува во зависност од степенот на одговорност и обврските на работникот.