За Радев францускиот предлог е најдобриот, ама не смета дека е време за прогласување историска победа

„Францускиот предлог“ за деблокирање на евроинтегративниот процес на Македонија е најдобар за Бугарија, но бугарските политичари не треба да брзаат да прогласат историска победа, бидејќи предложените документи не даваат доволно гаранции за заштита на интересите на Софија – изјави денеска во Пловдив бугарскиот претседател Румен Радев.

Тој истакна дека најдоброто е тоа што Бугарија успеала да се спротивстави на два совета за проширување на ЕУ, кога имала јасна позиција и јасни аргументи.

Според него, европските партнери на Софија го делат нејзиниот став дека „прашањето за одбрана на граѓанските права и борбата против дискриминацијата не може да биде билатерално прашање само меѓу Бугарија и Република Македонија, туку мора да се постави на ниво на ЕУ“.

Радев уште ги повика бугарските политичари да не брзаат со прогласување „историска победа“, бидејќи, како што нагласи, промената на Уставот на Македонија не е последен, туку прв чекор кон интеграцијата на земјава во ЕУ.