За прв пат за минималната плата се одлучи без работниците, вели претседателот на УПОЗ

Синдикатот на УПОЗ е „апсолутно незадоволен“ од одлуката на Владата за зголемување на минималната плата за 1.812 денари во нето износ, и ова го смета не за зголемување, туку за усогласување со порастот на инфлацијата и просечната плата. За наредните чекори ќе се одлучува на седница на Претседателството на ССМ, закажана за в петок.

Синдикатот на УПОЗ е „апсолутно незадоволен“ од одлуката на Владата за зголемување на минималната плата за 1.812 денари во нето износ, и ова го смета не за зголемување, туку за усогласување со порастот на инфлацијата и просечната плата. Ова денес го изјави претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, одговарајќи на новинарски прашања, посочувајќи дека за прв пат од воведувањето во 2012 година, за минималната плата се одлучи без работниците. За наредните чекори, тој рече дека ќе се одлучува на седница на Претседателството на ССМ, закажана за в петок.

„Прв пат откако е воведена во 2012 година, за минималната плата се одлучи без работниците. Пред неколку години на 1 Мај имавме парола дека не смее да се одлучува без работниците, а за жал Владата вчера на седница донесе износ на минимална плата од 1.812 денари без да се разговара за тоа на Економско социјален совет, без да се одлучи кај работодавачите и работниците за неа. Прв пат се случува за ова, меѓутоа имајќи во предвид во каква држава живееме, нема да биде ни последен пат“, рече Деаноски.

Тој не знае зошто премиерот претходно кажа дека зголемувањето на минималната плата ќе биде 2.200 денари.

„Апсолутно сме незадоволни од ваквата одлука на Владата. Ги знаете нашите барања, знаете што баравме во минатото, од тоа не отстапуваме“, рече првиот човек на УПОЗ оценувајќи дека „се небулозни“ изјавите на Владата дека ќе дозволат работодавачите и синдикатите да се договорат за повисока минимална плата, а потоа ако треба да ја покачат минималната плата.

„Сакам да ја потсетам Владата дека е најголем работодавач во државата. Во државата се вработени 129 илјади работници во јавниот сектор, од кои минимум 25 илјади директно зависат од покачувањето на минималната плата“, рече Деаноски.

Тој смета дека најавениот износ од 1.812 денари не е покачување на минималната плата туку само е усогласување што треба да го добијат сите работници во државата линеарно, со порастот на животните трошоци и порастот на просечната плата.

Тој се осврна и на игрите околу определување на репрезентативност на синдикатите, што е услов за учество во работата на Економско социјалниот совет, а што го искористи Владата да донесе одлука за зголемување на минималната плата без законскиот услов таа одлука да помине на ЕСС.

„За прв пат Владата сама си донесе одлука. Ние не сме репрезентативни, кажаа и претставниците на Владата и премиерот, додека немаме репрезентативност, ние не може да учествуваме на Економско социјалниот совет. Изгледа на Владата толку добро ѝ оди што може да донесе одлука и без синдикатите и без работниците, за жал“, рече Деаноски.

На прашањето околу репрезентативноста на ССМ и што доколку ССМ одлучат да има протести, Деаноски посочи дека УПОЗ е дел од ССМ, како грански синдикат и се наоѓ во иста ситуација како ССМ.

„Моментално ние бараме репрезентативност и не можеме да ја добиеме“, рече тој.

Деаноски исто така посочи дека Комисијата за репрезентативност што ја формираше Владата и која треба да се произнесе кој од синдикатите ги исполнува условите да биде претставник на работниците во ЕСС, има закажано седница во петок.

„Што ќе се одлучи на таа седница не можеме да знаеме. Јас може да кажам дека во петок е закажана и седница на ССМ на која ќе се одлучува за понатамошните чеккори“, рече Деаноски.

На дополнителното прашање околу можни протести, тој рече како синдикат протестирале пред неколку месеци барајќи за одредени министерства и одредени органи на државна управа додатоци на плата.

„Еден од ретките синдикати што штрајкува и протестира е синдикатот на УПОЗ“, рече Деаноски, додавајќи дека сепак, за следните чекори ќе мора да одлучат работниците, односно членовите на синдикатот.