Со убиството на Орхан Ибраими – Оки, неформалниот водач на криминалната група, „Дуќанџик“ е обезглавена. За пет месеци се случија три мафијашки пресметки, а две од нив во соседни земји на Македонија, објави Фокус.
Грчките медиуми прво објавија дека ноќеска во 3.30 часот две маскирани лица со мотор пукале и убиле еден, а раниле уште еден македонски државјанин во Ханиоти, на Халкидики. Потоа почнаа да стигнуваат неофицијални информации дека убиениот е водачот на Дуќанџик, Орхан Бајрами – Оки, а истото име почнаа да го објавуваат и грчките медиуми.
Според деталите објавени во нив, двете маскирани лица стигнале во изнајмениот апартман со мотор, во луксузниот хотел Сани Вилас во Ханиоти на Халкидики во Грција и испукале 20 куршуми. Бајрами починал на лице место, а Сеад Слезовиќ е повреден. Двајцата требало денеска на пладне да го напуштат хотелот.
На бројот 112 за итни интервенции анонимно лице го пријавило пукањето, а кога стигнала полициската патрола двете лица кон кои било пукано ги пренесле во Здравствениот дом во Касандра. Таму било констатирано дека триесет и деветгодишниот Бајрами е мртов, додека повредениот е пренесен во друга болница во Полигрос.
Грчките медиуми јавија дека е убиен македонски бизнисмен, сопственик на казино.
На граничните премини кон Турција, Македонија и Бугарија има засилена гранична контрола и се трага по убијците. Со убиство на Бајрами, криминалната група практично е обезглавена под двојното убиство што се случи на 6 март во Скопје.
Јетон Кривањева – Жила
Тогаш четворица мажи облечени во црна облека и маскирани со фантомки влегоа во кафулето „Шиша бар“ под скопско Кале.Се претставиле како полицајци, се качиле на вториот кат од кафулето и влегле во „мониторинг“ салата. Викнале „рација“ и почнале да пукаат. Испукале 40 до 50 куршуми во главите и телата на три лица.
Најголем дел од куршумите завршиле во еден од главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила и во Енес Исеинов-Љаци од истата група, а мал дел во нозете на трето лице што седело со нив.
Излегле од кафулето и избегале со автомобил „ауди А6“. Возилото го запалиле на улицата Вашингтонска во Шутка, а таму била најдена само регистарската табличка од автомобилот, која, се разбира, била лажна.
Сличности меѓу убиството во Приштина и во „Шиша бар“ – изрешетени со калашников, запалени автомобилите на убијците.
Пред точно еден месец во Приштина беше изрешетан Бљерим Даци, македонски државјанин од Чаир, а неговото безживотно тело беше најдено во автомобил со македонски регистерски таблици. На околу еден километар од улицата каде што беше убиен беше најден запален автомобил со германски регистерски таблици.
Бљерим Даци
Според се уште неофицијални информации Даци бил осомничен за убиството што се случи во „Шиша бар“, а вакви неофицијални информации објавија утрово и косовските медиуми.
Па така и Даци во Приштина беше изрешетан со калашников, но и главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“ блиски до Оки, беа изрешетани со калашникови.
Веднаш по убиството на Даци беше пронајден запален автомобил кој се поврзува со осомничените за убиството, но и веднаш по двојното убиство беше најдено запалено „Ауди“ од кое беа останати само регистерските таблици коишто беа фалсификувани.
Бљерим Даци инаку во Косово употребувал лажни документи, па го сменил презимето во Бљерим Шабани.
Пред извесно време беше приведен скопјанец кој наводно се поврзуваше со двојното убиство во „Шиша бар“, нему прво му беше одреден краткотраен 48-часовен притвор, но потоа, од Обвинителството ни потврдија дека притворот му е продолжен на 30 дена.
Даци инаку во Македонија во бил во куќен притвор за недозволено изработување, држење и тргување со оружје, потврдија од Кривичниот суд.
„Дуќанџиќ“ – името го добила од скопското маало во близина на Бит-пазар и пластичарската улица, од каде што е водачот на оваа група, која кохабитира со лица и од други скопски населби.
„Беланоца“ – името го добила според кумановското село Белановце, кое на албански се вика Беланоца, од каде што потекнуваат основачите на овој клан и нивните наследници.
Своевремено, овие кланови не постоеле, бидејќи целото подземје било на купче, но во јули 2009 година се случува убиство, кое се смета за вовед во дведецениската пресметка меѓу „Беланоца“ и „Дуќанџик“ и се отвора кругот на меѓусебни убиства, кои траат до ден денес.
Агим Шерифи
Со куршум во главата, фрлен на депонија на патот од Арачиново кон Куманово, најден е мртов Агим Шерифи од Синѓелиќ, вујкото на Орхан Бајрами – Оки, кој сега е убиен.