За партијата „Десна“ Љупчо Палевски бил „бренд и великан на македонската борба“ – бараат да биде изолиран од ризици по живот

Партијата „Десна“, чиј член е првоосомничениот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, Љупчо Палевски, преку својот Фејсбук профил пишува дека Палчо уште од 17-ти јануари побарал да биде екстрадиран во Македонија.

Според нив, „Палчо е бренд и великан на македонската борба“ и поради тоа бараат „да има ВИП безбедносен третман“.

Како што пишуваат, тој треба да е на безбедно, изолиран од ризици по живот.

„Палчо треба да биде на безбедно, изолиран од ризици по живот, убиство, труење со храна, пијалоци, нарушување на здравјето, физичко малтретирање и изнудување на признанија, да има лекар што ќе го следи неговото здравје, биохемиска анализа на секој оброк и пијалок што ќе го конзумира, и радиолошка проверка на облеката и обувките што ќе ги носи. Анализа на крвта и урината еднаш неделно“, стои во објавата на партијата „Десна“.

Во текот на вчерашниот ден, Палевски беше екстрадиран на скопскиот аеродром, по што директно беше спроведен во Истражниот затвор „Скопје“.