За одбраната на Груевски обвинението за „Талир 2“ е паушално

Обвинителот во своите завршни зборови изврши измена на обвинението на кое не ни беше дадена можност за приложување на нови докази заради побивање на нивните тези што секако е повреда на постапката, изјави адвокатот Горан Каркински, кој беше назначен по службена должност да го брани првоообвинетиот во случајот „Талир 2“ Никола Груевски.

Во своите завршни зборови во Основниот кривичен суд – Скопје, тој денеска кажа дека Обвинителството не презентирало ниту еден доказ, или сведок, за тоа за што го обвинува Никола Груевски (во бегство) и му предложи на Судот да донесе одбивателна пресуда.

На денешното рочиште правните застапници на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ не дадоа завршни зборови со образложение дека направен е пропуст од страна на Судот, со тоа што не биле испрашани за време на доказната постапка.

Во предметот „Талир 2“ обвинети се Никола Груевски и Кирил Божиновски, кои, според обвинението поднесено од поранешното СЈО, со злоупотреба на службената положба, овозможиле правното лице Бетон Скопје да го изгради седиштето на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.