
За министерката Димитриеска Кочоска извештајот на ЕК е сигнал дека се движиме во позитивна насока
Есенските економски проекции на Европската комисија, кои што се објавени вчера, се јасен сигнал дека се движиме во позитивна насока, оценува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Есенските економски проекции на Европската комисија, кои што се објавени вчера, се јасен сигнал дека се движиме во позитивна насока, оценува министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Во објава на Фејсбук таа наведува дека проекцијата за раст на македонската економија е зголемена за 2025 и 2026 година, што, како што вели, е потврда за стабилноста, издржливоста и довербата во нашите економски политики.
Таа нагласува оти во Извештајот е нотирано дека во првата половина од годината растот на БДП бил повисок од очекуваното, поддржан од инвестиции, приватна потрошувачка и подобрени извозни перформанси.

-Инвестициите во инфраструктурата и приватниот сектор се позиционираат како двигатели на растот во следните години, а стабилизирањето на инфлацијата дополнително ја зајакнува економската предвидливост. Дополнително, реализацијата на големите инфраструктурни проекти и спроведувањето на реформите од Планот за раст на ЕУ ќе имаат поголем придонес за уште побрз развој, пишува министерката.
Според неа, ова се позитивни сигнали од ЕК коишто се силен поттик да продолжиме со одговорни политики што ја зајакнуваат економијата и го подобруваат животниот стандард на граѓаните.
-Како Влада и како Министерство за финансии, остануваме посветени на стабилни јавни финансии, фокусирани инвестиции и реформи што го забрзуваат економскиот развој, истакнува министерката во објавата.
Имено, во Есенскиот извештај на Европска комисија (ЕК) проекцијата за економски раст за 2025 година изнесува 3,2% и истата е зголемена за 0,2 п.п. во однос на претходниот извештај. Исто така, проекцијата за 2026 година ЕК ја ревидираше нагоре, односно истата е зголемена на 3,3% и за 2027 година предвиден е раст од 3,3%.