Ако матична држава на нашите сограѓани етнички Албанци е Македонија, а не Албанија, според која логика фудбалската репрезентација на Албанија може да биде национален тим?
Вака во објава на Икс реагира претседателот на Советот на Град Скопје и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Трајко Славески, откако дел од лидерите на коалицијата „Вреди“, коментирајќи го мечот меѓу Албанија и Италија на Европското првенство од пред два дена, го ословија тимот на Албанија со „нашата репрезентација“.
„Национален тим? Зошто кога консензуално се договоривме и прифативме дека нашите сограѓани етнички Албанци не се малцинство во Република Македонија, некои нивни лидери самите ги промовираат во малцинство?! Разбирливо е за едно малцинство да се поистоветува со институции во матичната држава. Но, ако матична држава на нашите сограѓани етнички Албанци е Македонија, а не Албанија, според која логика фудбалската репрезентација на Албанија може да биде нивен национален тим“, пишува Славески во објавата на Икс.