Официјален Кремљ денеска оцени дека преговорите со Киев се недоволно „суштински“ иако претседател на Украина – Володимир Зеленски рече дека е подготвен за „компромис“ кој, доколку се постигне, треба да биде одобрен на референдум.
„Се одвива одреден процес, но ние би сакале тие да бидат поенергични и позначајни“ – изјави портпаролот на рускиот претседател – Дмитриј Песков.
Тој одби да каже за што разговараат двете страни, бидејќи, како што рече, објавувањето на тие теми само ќе го попречи преговарачкиот процес, што веќе се одвива „побавно и помалку суштински“ отколку што би сакала Москва.
Песков изјавата ја даде по повод вчерашната изјава на Зеленски, кој рече дека е подготвен да разговара со рускиот колега Владимир Путин за „компромис“ за Донбас и Крим за да се прекинат непријателствата што Русија ги почна на 24 февруари.
Украина бара да се почитува примирјето за време на преговорите, да се повлечат руските сили од земјата и да се назначат земји гаранти за нејзината безбедност, кои би интервенирале во случај на руски напад.