Крадецот на статуата на филмската ѕвезда и кунг фу мајстор – Брус Ли од центарот на Мостар е осуден од судот на 10 месеци затвор, пренесува СрпскаИнфо.
Општинскиот суд во Мостар ја прифатил спогодбата на Обвинителството на Херцеговско-неретванската жупанија со 46-годишниот извршител, кој и претходно бил познат по голем број други кривични дела.
Со пресудата е утврдено дека Д.П. најпрвин ограбил продавница од која украл алат, по што на почетокот на март ја скршил бронзената статуа на Брус Ли во Градскиот парк Зрињевац, ја одзел и ја исекол за да ја продаде како секундарна суровина.
Недолго потоа полицијата го пронашла крадецот и го уапсила.
Општинскиот суд во Мостар оцени дека со десетмесечна затворска казна ќе се постигне целта за санкционирање.
Статуата на Брус Ли беше поставена во централниот парк на Мостар во 2005 година на иницијатива на директорката на невладината организација „Урбани покрет – Мостар“, денес парламентарката Нина Распудиќ.
Со поставувањето на статуата на филмската ѕвезда, тие се обидоа да го направат Мостар препознатлив во светот поради други причини освен војна и уништување и да биде симбол на отпорот кон сите неправди.
Надлежните се обидуваат да ја поправат статуата и да ја постават на истото место во центарот на градот на пиедестал на кој се уште е испишано името на Брус Ли.