За една недела 97 починати и 1.559 реинфекции од Ковид 19 во Македонија

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 17. до 23. јануари 2022. тестирани се 39.289 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 15,6% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Крушево. Процентот на позитивност се движи од 23,6 до 34,4%, просечно 29,1%.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапени се возрасните групи на лица на возраст 30-39 г. Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 г.

Се забележува зголемување на бројот на заболени кај скоро сите возрасни групи со најголемо зголемување кај возрасната група над 0-9 години со зголемување од 30,9% и возрасната група 60+ со зголемување од 17,1% во однос на претходната недела.

Се регистрира намалување на бројот на заболени кај возрасните групи од 10-19 години и 20-29 г. во однос на минатата недела.

Со статус „оздравени“ се стекнале 7.627 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.

Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.559 реинфекции, со зголемување од 25% во однос на претходната недела.

Пријавени се 97 смртни случаи во 20 градови во текот на изминатата недела, за 76,4% повеќе во однос на минатата недела.

Најголем дел од нив се од Скопје (38). Во однос на возраста, најголем број од починатите припаѓаат на возрасната група над 60 години.

Заклучно со 22.01.2022, вакцинирани се вкупно 864.759 лица со барем една доза на вакцина против COVID-19 во државата и странство . Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 841.143 лица, а со трета доза се вакцинирани 122.752 лица.