За денеска најавено нормализирање на автобускиот превоз во Скопје
Според синоќешните најави, денеска се очекува да се нормализира автобускиот сообраќај во Скопје, откако вчера Владата донесе одлука на јавното сообраќајно претпријатие да му позајми нафта за следните седум дена од државните резерви.
Според синоќешните најави, денеска се очекува да се нормализира автобускиот сообраќај во Скопје, откако вчера Владата донесе одлука на јавното сообраќајно претпријатие да му позајми нафта за следните седум дена од државните резерви.
Директорот на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје Драги Кушовски синоќа за МИА потврди дека нафтата пристигнува во базните станици на претпријатието во Автокоманда и Ѓорче Петров и оти во текот на ноќта резервоарите на автобусите ќе бидат наполнети.
-Сите автобуси што се во возна состојба утре редовно ќе сообраќаат, изјави Кушовски.
За денеска во 14:00/14:30 часот се најавени јавни протести поради состојбата со превозот во градот. Градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш, ги повика сите жители на протест, а со барање за нормализирање на јавниот превоз излегоа и студентите од УКИМ кои ќе се приклучат на протестот што ќе се одржи пред бараките на Град Скопје.
Координаторите на советничките групи на Советот на Град Скопје, синоќа на вонредна седница постигнаа консензус и донесоа заклучок со којшто ја поздравија одлуката на Владата за позајмување на нафта од државните резерви за потребите на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) и побараа заедно во координација со ЗЕЛС, да продолжат разговорите со Град Скопје за нормализирање на состојбите во градот.
На почетокот на седницата, градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска изрази благодарност до Владата, апелирајќи до советниците да го следат позитивниот пример. За кризата во ЈСП, Арсовска рече дека не е резултат на несоодветното менаџирање на претпријатието, туку поради што редовната јавна набавка била предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки.
– Она кое што се случи вчера, а тоа е да застане превозот поради недостаток на нафта, морам да кажам дека не е предизвикано од тоа што некој несоодветно си ја завршил својата работа, туку е предизвикано од тоа што во редовна јавна набавка, односно постапка за јавна набавка, која што во рок е завршена за да нема никакви проблеми, беше предмет на управна контрола од страна на Бирото за јавни набавки и истата беше поништена, и покрај тоа што се работи за јавна набавка која што е за суштинскиот енергенс, рече Арсовска.
Доколку не била поништена оваа јавна набавка, Арсовска вели овој проблем немало да постои.
-Доколку не беше оваа јавна набавка поништена, ние денес овој проблем немаше да го имаме. Од друга страна, морам да кажам дека денес имавме можност да видиме она кое што го зборуваме веќе во изминатите три години, чекорот којшто беше направен од страна на Владата и од страна на премиерот, којшто во рекордно време од истато тоа Биро за јавни набавки успеавме да добиеме одобрение за директна спогодба за да може Јавното сообраќајно претпријатие во овие услови во какви што беше ставано од истата таа институција да може да испреговара и да се снабди со нафта, додаде Арсовска.
Одлуката на Владата ја поздрави и координаторката на советничката група од редовите на СДСМ, Љубица Јанчева, посочувајќи дека ова било предложено решение од страна на СДСМ и побара Советот да донесе заклучок со којшто ќе се поддржат трите предложени решенија.
– Прво, измени и дополнување на Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив. Овој закон беше донесен во 2018 година од нашата Влада и со него се уредуваат сервисираните долгови на општините, вклучително и долгот на Град Скопје. Значи бараме измена и дополна на тој закон за да се примени и во случајот со Град Скопје. Во голем дел ќе се совпадне со веќе доспеаните долгови. По скратена постапка, СДСМ се нуди пратеничката група да го поднесе, но сите да го поддржат. Втор предлог е Владата да донесе одлука за доделување субвенции евро дизел гориво од државните резерви за нафта. Убаво е што Владата прифати една мерка од предложените решенија на СДСМ, но треба да се прецизира и затоа треба да остане и во заклучокот. Дополнително не го знаеме износот на субвенционираното дизел гориво. Ние предлагаме да се бајпасира целиот кризен период до крајот на годината. Добро е да мислиме три чекори нанапред. И последниот предлог е со закучокот пратениците во Собранието да иницираат свикување на Надзорна расправа во Собранието за состојбата во Град Скопје. Одржувањето на надзорната расправа би било примерот на претходните расправи, за прашања од јавен интерес, рече Јанчева.
Советникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, пак, вели дека тие како советничка група досега ги изгласале сите програми за Град Скопје, вклучително и за ЈСП, но истакна дека надминувањето на кризата зависи од менаџирањето од страна на Град Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие.
– Само оваа година доделивме 645 милиони денари, тоа мислам околу 10 милиони евра субвенции за ЈСП. И претходните години имаме огромна сума доделено субвенции, што значи дека ние како советничка група секако сме гласале за сѐ што е позитивно за ЈСП, но и за останатите претпријатија, рече Стојановски.
Прашањето за долгорочната стабилност на јавниот превоз останува отворено, додаде Стојановски, бидејќи, како што рече, ваквата состојба за граѓаните не е само технички проблем, туку резултат на политичките игри.
Порпаролката на Владата Венера Љатифи Азизи изјави дека Владата донела одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
Со ова, како што појасни таа, се овозможува да се позајмат на градот Скопје дел од нафтените резерви на државата.
– Денес меѓудругото Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје. Со ова Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај, посочи Љатифи Азизи.
Од државното Јавно обвинителство соопштија дека ги следат сите информации во врска со јавниот превоз во Скопје и дека веќе се дадени насоки на Управата за финансиска полиција да ги испита постапките за јавни набавки на мазут за потребите на ЈСП.
Во сообраќај во главниот град изминатите два дена беа пуштени околу триесетина автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие од кои 25 се на природен гас и уште неколку кои имаа резерви на нафта.