Од 1 мај, заклучно со 7 јули годинава во Грција биле регистрирани 2.166 пожари, изречени 256 казни и уапсени 123 лица, соопшти преку платформата Икс министерот за климатски кризи и цивилна заштита на Грција – Василис Кикиљас.
Од вкупниот број пожари, 1.870 веднаш биле локализирани, додека пак од уапсените 123 лица, 87 биле поради предизвикување пожар од невнимание, а останатите 36 за пожари со умисла.
– Ова се бројките … Но, зад бројките стојат илјадници луѓе, пожарникари, чувари на шуми, пилоти, оперативен персонал, обучени доброволци, војници, полицајци.
За сите нас, тие секојдневно водат битки штитејќи ги животите и имотите.
Сите ние во пракса ги поддржуваме избегнувајќи опасна работа, чистејќи ги нашите плацови, покажувајќи дека се грижиме за нашето место, за нашите шуми и за нашите сограѓани, напиша Кикиљас истакнувајќи ја важноста на заедничките напори.