За два дена на Кипар пресретнати над 400 мигранти
Крајбрежната стража на Кипар денеска собра 137 мигранти на брод источно од островот, што е втора таква операција во последните два дена, јави ДПА.
Мигрантите го напуштиле Либан и наскоро ќе бидат вратени таму, јави државното радио РИК, повикувајќи се на крајбрежната стража. Меѓу Либан и Кипар постои договор за репатријација.
Крајбрежната стража вчера објави дека околу 300 мигранти биле спасени на 110 наутички милји (204 километри) југоисточно од медитеранскиот остров во голема заедничка операција со товарен брод што пловел во областа.
Според крајбрежната стража, сите патници биле префрлени во товарниот брод со хеликоптери и чамци на крајбрежната стража.
Се наведува и дека патувањето го започнале од Либан. Засега не се знае која е нивната националност, ниту каде прво ќе бидат префрлени.