Интерпелацијата за претседателот на Собранието, Африм Гаши, за коалицијата „Влен“ е анти-НАТО експеримент.
Според нив, по аеродромскиот инцидент координирано се креирала хистерија во јавноста и се бара политичка одговорност.
„Левица е подносител на интерпелација, СДСМ е поддржувач, а ДУИ бара алиби за јавно да влезе во ова друштво и од страничен подбуцнувач да ја преземе улогата на политички координатор. Што е целта? Сигурно не е одбрана на дипломатските односи со Косово, ниту Охридскиот Рамковен договор, туку целта е да се предизвика политички земјотрес. Зошто? За да се стави на тест владиното мнозинство и некој да провери дали опозицијата може да најде заеднички интерес да делува здружено“, велат од „Влен“.
Партијата понатаму зборува и за бранење на честа н албанскиот народ, но и одбрана на стратешкото партнерство со САД и ЕУ.
Левица ја поднесе интерпелацијата по инцидентот на аеродромот, кога Гаши го испрати своето обезбедување кое делувало во одбрана на косовската претседателка, Вјоса Османи, додека таа не сакала да помине низ безбедносна проверка на комерцијален лет. МВР поднесе кривична пријава против лицето кое по пристигнувањето на аеродромот репетирало пиштол, се заканувало, турнало полициски службеник и викало, барајќи Османи да биде спроведена со возило до авионот без да биде проверувана. Гаши подоцна рече дека го испратил обезбедувањето за да ја смири ситуацијата.