Наша обврска е Македонија да стане земја на европски вредности во која на граѓаните ќе им се врати довербата и надежта дека внатрешните реформи се возможни и само тие ќе обезбедат подобар животен стандард и сигурна иднина. Либерал-Демократската партија ја презема обврската да биде гласот на обесправените граѓани, рече претседателката на ЛДП, Моника Зајкова на тематската конференција на партијата „Секој е важен! Овде и сега.” На настанот во Скопје денеска присуствуваа над илјада либерал-демократи од земјава и странство, политички партии, здруженија, димпломатски претставништва.
-Свесни сме за општествените аномалии, ги слушаме пораките на граѓаните, свесни сме и за сопствените слабости и затоа преземаме конкретни чекори кои треба да ги решаваат најгорливите проблеми. Секојдневно ги слушаме истите зборови на политичката сцена. Но овој свет не е само црн или бел, мозаикот го чинат различни бои. Држава не се гради и унапредува со суети, стравови, гол популизам, евтин национализам и создавање чувство на несигурност. Изминатите три децении покажаа дека патот до демократско општество во нашата држава е далеку потрновит од претпоставениот, додаде Зајкова.
Таа посочи дека ЛДП, како партија често се соочувала со нефер конкуренција и издржала флагрантни изборни фалсификати, директни и индиректни притисоци, заплашувања и санкционирање на нејзини членови и симпатизери само поради тоа што се „дрзнале” да се „замешаат” во политичката арена која некои замислиле дека е само нивна.
-Во изминатиот четврт век, не е мал бројот на политички партии кои се појавија и исчезнаа од политичката сцена во Македонија. ЛДП, со променливи резултати, успеа да опстои на истата, а јас ве уверувам и дека ќе биде политичка партија без која нема да може да се состави ниту една идна Влада. Доста е од лицемерие и големи патриоти кои никогаш не го подметнаа грбот во клучните моменти за државата. Нема повеќе време за бегство од одговорност и криење во своите комфорни зони. Бидејќи тоа не се политичари кои заслужуваат доверба. Граѓаните не се наивни. Точно ги читаат неискрените политичари кои упорно се трудат да ја освојат нивната доверба со веќе видени политички измами, рече таа.
Според неа Македонија преспоро напредува кон целта наречена развиено демократско општество и одржлива функционална пазарна економија.
-Никој сè уште ниту помислува да нè нарече општество на „либерална демократија”. Нашата Татковина и во 32-та година од независноста се соочува со историски премрежија. Повторно се ставаат на тест нашите стратешки определби. Да бидеме на чисто, нашата генерација, ние прогресивните и демократски сили нема да дозволиме скршнување од фундаментите кои беа поставени на 8 септември 1991 година. Продолжуваме сигурно да чекориме по стратешкиот колосек. Нашата иднина е во ЕУ, нашата визија е во зајакнување на партнерството со западните демократии. Ние таму припаѓаме. Токму ваквата состојба на нештата во Македонија, големиот пат кој останува да се изоди до целта – „либерално општество” – е неограниченото поле за политичката акција на Либерално-демократската партија преку создавање на политики заедно со граѓаните; поле за докажување дека „сите не се исти”, рече таа.
Таа упати јасна порака и до членовите на партијата кои имаат јавни овластувања и располагаат со парите на даночните обврзници, сите кои евентуално не ја вршеле својата должност согласно нормите и потребите на граѓаните, оние кои заборавиле или ќе заборават дека се платени од народни пари за да служат исклучиво на јавниот интерес, ќе ја немаат честа и привилегијата во иднина да го носат дресот на ЛДП.
-Никој не е недопирлив ниту незаменлив! Сите ние приватно можеме да бидеме другари, но служба си е служба, дружба си е дружба, но Македонија е пред се! Мора да бидеме пример за посветеност, почитување, секојдневно да се потсетуваме дека сме свесни дека ние постоиме за граѓаните, а не обратно. Наша цел е да создадеме систем во кој кадровскиот потенцијал ќе биде распореден исклучиво по својата стручност и компетентност, а не по партиски заслуги. Принципот е секој да биде корисен таму каде може максимално да придонесе за исполнување на идната програма на Либералдемократската партија, рече таа.