
„Ни претстојат сериозни реформи, процеси кои ќе бидат можеби долги и сигурно ќе нè чинат многу, но ќе значат подобра, попрогресивна европска држава, подобар животен стандард на сите граѓани“, рече Моника Зајкова новата претседателка на ЛДП.
По изборот од делегатите на конгресот, Зајкова изјави дека Либерално-демократската партија има континуитeт и долго опстојува на политичката сцена.
– Не сакаме популизам и лажни ветувања за работи кои не можат да се имплементираат, туку мали и јасни иницијативи што водат кон конкретни чекори кои ќе значат подобрување на животот и условите во државата, рече Зајкова.
Смета дека државата треба да биде фокусирана кон прогресот и, како што рече, „храбро да чекори кон продолжување на преговоите со Европската Унија, да се отвораат и затвораат поглавјата“.
Во однос на измените на Уставот, рече дека за ЛДП никогаш не било проблем Бугарите што живеат во земјава да бидат внесени во Уставот, но заедно со нив и припадниците на еврејската заедница.
-Бидејќи како либерали секогаш сме се бореле за човековите права и за правото на самоопределување на секој. За нас не е спорно влезот на Бугарите во Уставот, но ќе предложиме и влез на еврејската заедница како дел од народ кој учествувал во креирањето на темелите на оваа држава и учествувале во Народноослободителната борба, истакна Зајкова.