Зајкова и ЛДП бараат забрана на Тик-ток во земјава

Пратеничката и лидерка на Либерално-демократската партија, Моника Зајкова, бара забрана за Тик-ток во земјава.

Такво, но и низа други предлози партијата, која е дел од владејачката коалиција, ќе достави до Владата. Меѓу предлозите се и забрана на игри и апликации кои промовираат насилство.

„Особено е потребна е забрана на Тик-ток како и останатите социјални мрежи кои поттикнуваат насилство бидејќи и во нашата земја сведочевме на жртви од користењето на овие мрежи. Забрана и контрола на симнување на игри, содржини и апликации кои експлицитно покажуваат и поттикнуваат насилство. Исто така, ЛДП преглед и контрола на филмови кои можат особено кај помладите луѓе да поттикнат насилство, манипулативно да бидат употребени во пропагандистички цели со величање на насилството“, – истакна Зајкова денес на 16.Конгрес на младиската организација на ЛДП.

Таа вели ваквите предлози не значат цензура на уметноста и посочува дека имаме слични пример, како што е Франција каде е формирана Комисија за категоризација на филмови која годишно прегледува околу 600 филмови, и проценува дали содржината на филмот, па дури и анимираните филмови, не се штетни за децата и не поттикнуваат насилство.

Покрај споменатите предлози, ЛДП има и иницијатива за најостра контрола на издавањето и поседувањето огнено оружје, но и проверка на оние кои веќе го поседуваат. Исто така, предлага и забрана за малолетници да вежбаат на стрелишта и казни за родителите кои ги мотивираат децата да ракуваат со оружје.

Зајкова вели дека не смееме само да седиме шокирани и тивко да тагуваме по двата масакри во Србија во кои беа убиени вкупно 17 лица.

„Оваа спирала на насилство извршена од млади лица мора да го вклучи црвениот аларм и кај нас и потребно е преземање на итни и ефикасни превентивни мерки за да се спречи врсничкото насилство, грозоморните слики од убиени и повредени“, вели Зајкова.