
На денешната собраниска седница на која се дискутираше за измените на Кривичниот законик, лидерката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова му реплицираше на својот колега Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.
-Добро знаете дека дека без вашето гласање и присуство, тој закон немаше да помине, како и за се друго што знаевте да излезете, а за овој закон знаевте да останете и да глумите дека гласате против. Функционери од ЛДП не се амнестираа со тој закон, а за Артан Груби немам јас што да зборувам, бидејќи Артан Груби благодарение на вашата власт, се шета во други држави, веројатно слободен и поубаво му е од тоа што ние на нас тука, кажа, меѓу другото, Зајкова.
Претходно пратеникот од најголемата владеачка партија кажа дека, „власта не прави компромис со правдата и дека криминалците ги гледаат во затвор“.
-Сите казни кои што ги предлагаме се поголеми од тие што беа до 2023 година, освен една која што за две години е помала бидејќи има четири европски директиви. И оние ваши пријатели кои што ви избегаа, верувајте дека еден ќе дојдат и ќе се соочат со се што му направија на овој народ, рече Пренџов.
Со потпис на девет пратеници од владејачкото мнозинство во Собранието беше поднесен Предлог на закон за изменување и дополнување на КЗ. Со овој предлог се врши усогласување со Решението на Уставниот суд од 12 -ти февруари 2025 година, со кое судот му наложи на Собранието во наредните шест месеци да ги направи неопходните измени на законот и да се усогласи со аргументите на Уставниот суд. Како што е познато, во февруари Уставниот суд одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на измените на Кривичниот законик од 6-ти септември 2023 година, кога судот изрази сериозен сомнеж за уставноста на оспорениот закон.
Станува збор за најспорните измени на КЗ кои нанесоа непоправливи штети за правната држава – застарување на предмети, суфицит на неказнивост и дефицит на одговорност.