
Зајакнувањето на одбраната на Европа би можело да резултира со зајакната улога на Еврокомисијата
Експертите посочуваат дека главни приоритети на ЕУ во делот на надворешната и безбедносната политика во моментов се состојбата во Украина, во пресрет на очекуваните мировни преговори за ставање крај на војната, како и прашањата поврзани со зајакнувањето на одбраната на Европа, што би можело да резултира со зајакнување на улогата на Европската комисија.
Европската Унија се повеќе се позиционира на меѓународната сцена како геополитички фактор или се обидува да биде глобален актер повеќе отколку што тоа го правеше порано, но ограничувачки фактор за неа е тоа што некои сфери, како на пример одбраната, не се во нејзина, туку се во надлежност на земјите членки.
Експертите посочуваат дека главни приоритети на ЕУ во делот на надворешната и безбедносната политика во моментов се состојбата во Украина, во пресрет на очекуваните мировни преговори за ставање крај на војната, како и прашањата поврзани со зајакнувањето на одбраната на Европа, што би можело да резултира со зајакнување на улогата на Европската комисија.
Политичкиот аналитичар на бриселскиот Центар за европска политика (ЕПЦ), Ерик Морис за Европската новинска редакција (ЕНР), чија членка е и МИА, вели дека Европската комисија секогаш се труди да има поважна улога во координирање на политиките на ЕУ, меѓу кои се повеќе се истакнува одбраната.
– Но, тоа е сектор, тоа е домен, каде земјите членки го имаат последниот збор, бидејќи тоа е суверено прашање. Влогот е многу голем. Значи, она што ќе го видиме е веројатно некаква комплементарност помеѓу координативната улога на Комисијата во индустриската соработка, заедничките набавки или правните аспекти на воената мобилност и помеѓу надлежноста на земјите членки во носењето одлуки за стратешките цели и употребата на оружјето, смета Морис.
Според него, и покрај заложбите на Комисијата, улогата на земјите членки ќе остане клучна и кога станува збор за политиката за поддршка на Украина или испраќањето мировни сили во земјата, по евентуалниот прекин на огнот.
– Значи, Комисијата ќе има поважна улога, но нема да ги централизира и нема да ги координира сите аспекти на одбранбената политика, додава Морис.
И главниот извршен директор на Центарот за европски политички студии (ЦЕПС), Карел Лано смета дека иако одбранбените прашања не се во надлежност на ЕУ, таа, а пред се Европската комисија, би можела да има поголема улога во координацијата на одбраната на Европа, поставувајќи се како и во случајот на ковид кризата, каде исто така здравството не беше во нејзина ингеренција.
– ЕУ може да се обиде да координира како што направи со Ковидот, затоа што е очигледно дека можете да се координирате во одредени околности. Ја имате и администрацијата да го правите тоа, вели Лано за ЕНР.
Според него, зајакнатата координација од страна на ЕУ во сферата на одбраната е од клучно значење, бидејќи секогаш може да има некои земји членки кои не сакаат да соработуваат и да блокираат некои одлуки во Советот.
Лано додава и дека во целата актуелна дебата околу зголемување на издвојувањата за одбраната, клучно е прво да „се троши подобро, а потоа да се троши повеќе“.
– Што значи да се троши подобро? Значи многу, значи дека треба да се координираме меѓу нас како трошиме, што правиме, на кои домени трошиме, како го правиме тоа во смисла како ќе набавиме одбранбен материјал? Дали тоа ќе го правиме на глобална основа или само на европска основа? За кој период, како ќе се финансира?, посочува Лано.
Тој додава дека сега Европската комисијата се занимава со некои од овие прашања, но би требало да започне да го прави тоа на многу посистематски начин.
Позицијата на ЕУ на глобалната сцена
Според експертите, ваквата определба кон одбраната на Европа и војната во Украина дополнително го ограничува просторот на ЕУ за поголемо влијание на меѓународната сцена.
Лано посочува дека во обидот за позиционирање на глобалната сцена, ЕУ цело време се споредува само со САД, а ги занемарува другите блокови и играчи.
– Честопати сме премногу фокусирани на САД. Но, треба да се потсетиме дека Европа, на пример, извезува повеќе во Кина, отколку во САД. За нас, Кина е поважна како трговски партнер, отколку САД, вели Лано
Во такви услови, според експертите, ЕУ не е во позиција да има поголемо влијание на Блискиот Исток, регион кој е многу некохерентен, со земји со различни пристапи и кон кој Унијата нема јасна политика.
– Имаме малку политика кон Сирија, имаме многу нејасна политика кон Израел и Газа, на пример, а многу нејасна политика имаме и кон Северна Африка, вели Лано.
Аналитичарите се согласуваат дека ЕУ треба да продолжи со напорите за диверзифицирање на своите партнерства и тоа не само трговските, туку и да гради постратешки и посеопфатни партнерства. Како добар пример за тоа се посочува неодамнешната посета на Колеџот на комесари на Индија.
Лано оценува дека ЕУ се повеќе се ориентира кон Индија, која станува нејзин се поважен трговски партнер, но дека блокот треба да се обиде да гради исто таков пристап и кон Блискиот Исток, Северна Африка, кон Африка како целина, но и кон е уште еден многу важен блок – Латинска Америка.
Со него се согласува и Морис, кој смета дека ЕУ треба да развива дијалог со различни земји во Африка, Латинска Америка и Азија, со цел да се обиде да ги диверзифицира своите синџири на снабдување, но и да гради трговските односи и стратешки дипломатски партнерства.
Аналитичарите посочуваат дека од исклучителна важност е да се има предвид дека и овие земји „гледаат кон Европа“, факт што често се заборава во ЕУ
– Ние можеби не ги гледаме, но тие не гледаат нас, поради политиките, отвореноста, но и одговорноста и видот на демократските процеси што ги имаме. Значи, ако сакаме да бидеме како што треба да бидеме, како Европа, да ги спроведуваме вредностите, мора да бидеме ефикасни и не треба да бидеме пристрасни во начинот на кој се обидуваме да ги спроведеме. И мораме да го правиме тоа на дневна основа, заклучува Лано.