Захарова: Москва би можела да и врати на цела ЕУ поради протерувањето на дипломатите од Бугарија

Марија Захарова – портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Москва би можела да и врати на цела Европска Унија поради протерувањето на 70 руски дипломати. Според неа, „политизираната одлука на Софија за неоправдано намалување на нашиот дипломатски персонал во Бугарија сигурно нема да помине без билатерален одговор“.

Ги повика Софија и ЕУ „да размислат за принципот на реципроцитет што е основа на дипломатските односи“.

„Европската дипломатија треба да разбере дека непромислената поддршка на антируските акции од различни земји-членки ја принудува ЕУ да преземе одговорност за последиците, вклучително и кога станува збор за одмазднички мерки од наша страна“ – наведе Захарова.

Седумдесет вработени во руските дипломатските претставништва пред два дена ја напуштија Бугарија поради обвинувања за шпионажа. Со нив заминаа и нивните семејства, а вкупниот број луѓе кои ја напуштија земјата изнесува околу 200.

Тоа е досега најголем број протерани дипломати од Бугарија, членка на ЕУ и на НАТО.