Захариева: И Бугарите и Македонците ќе загубат од избрзано укинување на ветото!

Екатерина Захариева – екс министерката за надворешни работи на Бугарија денеска изјави дека пребрзото кревање на ветото ќе им нанесе штета и на Бугарија и на Македонија.

Таа во разговор за агенцијата „БГНЕС“ ја коментира намерата на бугарскиот премиер, Кирил Петков, предлогот на француското претседателство за кревање на ветото да го препушти на одлучување во собраниската Комисија за надворешна политика, што, според неа, е помошно тело на парламентот.

„Кирил Петков влезе во играта на Р.С. Македонија, давајќи ѝ ветување дека ќе направи компромиси кои нема да ги одразуваат интересите на Бугарија. И Бугарија и граѓаните на РС Македонија ќе загубат од избрзаното укинување на ветото. Во нивен интерес е да се реформира РС Македонија. Во нивен интерес е историјата да ја знаат таква каква што е, а не измислената историја што е создадена за да ги оддалечи од Бугарија и од бугарството“ – вели Захариева.

Оценува дека кревањето на ветото ќе биде своевиден подарок за Владимир Путин.

„Со своите постапки и говор, Кирил Петков ги поткопува напорите на Бугарија за реформирање на Северна Македонија и обидите за нејзино претворање од помошник на Путин во европска држава“ – рече таа.

Франција не може да ги гарантира барањата на Бугарија доколку тие не влезат во преговарачката рамка и не бидат одобрени од сите земји членки на ЕУ, вели таа.

„Дел од пропагандата на Скопје е дека ако не почнат преговори, тоа ќе ги приближува до Русија. Всушност, тие никогаш не се оддалечиле. Тоа е наш проблем и тоа многупати сме им го кажале на нашите европски партнери“ смета Захариева.