Затворот во Идризово пренатрупан: Директорот ќе бара амнестија за да се намали бројот на затвореници

Намалување на казните на затворениците за 10, 15 или 20% со цел намалување на бројот на затвореници ќе бара директорот на најголемиот затвор во државата, Зоран Јовановски. Сепак, вели дека последниот збор ќе го има Министерството за правда.

Намалување на казните на затворениците за 10, 15 или 20% со цел намалување на бројот на затвореници ќе бара директорот на најголемиот затвор во државата, Зоран Јовановски. Сепак, вели дека последниот збор ќе го има Министерството за правда.

– Имаме намера да образложиме што би значела таа амнестија или помилување во проценти од 10, 15 или 20 проценти и ќе ја доставиме до министерот, па понатаму нека одлучуваат – изјави Јовановски за „360 степени“.

Јовановски вели дека во последните три години бројот на осуденици во Идризово се зголемил за околу 200 лица, што ги зголемило трошоците за храна, сместување, струја и вода. Истовремено, како што посочува, цените растат, а буџетот на установата се намалува.

Иако претходно беа преземени мерки за намалување на пренатрупаноста, меѓу кои амнестија и ослободување од издржување на казните за неплатени ковид-глоби, ефектот бил краткотраен.

Како долгорочно решение, директорот ги посочува алтернативните мерки, односно замената на затворските казни со општокорисна работа и поголемата примена на условните осуди, кога за тоа постојат законски услови.

Покрај пренатрупаноста, Идризово се соочува и со недостиг од кадар и финансиски средства, а проблем е и бавното пополнување на испразнетите работни места. Јовановски признава дека поради недостигот од соодветни објекти и персонал, ресоцијализацијата на осудениците во моментов е ограничена.

– Многу мал број на луѓе се ресоцијализираат. Поголем број, како дошле, така си заминуваат, не се доволно ресоцијализирани – вели директорот.

Според податоците на Управата за извршување на санкциите, на 7 септември годинава, во КПД Идризово биле присутни 1.296 осуденици, иако официјалниот капацитет на затворот е 1.187 лица. Доколку се земат предвид и осудениците кои се на отсуство, во болница или во бегство, вкупниот број достигнува 1.467.