Затворени се 10 маркети кои не ги намалиле цените на производите
Државниот пазарен инспекторат затвори 10 маркети во Скопје, Куманово, Кичево, Гостивар, Кавадарци, Тетово и Струга, информира директорот на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски.
Меѓу овие маркети нема ниту еден од оние пет што беа првично затворени.
За 10 дена, направени се над 550 надзори, издадени се преку 32 платни налога и изречени се казни во висина над 6 милиони денари
Казните се за непочитување на Одлуката, но и за примена на нечесни трговски практики, а се постапува согласно Законот за заштита на потрошувачите.
Директорот на ДПИ повтори дека до намалените цени на производите треба да стои ознаката „гарантирана цена“, а до оние, дополнителните, што се самоиницијативно поевтинети од маркетите, треба да има соодветната ознака која тоа јасно го покажува.
Испрати предупредување до сите нерегистрирани трговци, да се регистрираат најдоцна до 15 октомври оти после ќе следуваат засилени контроли.
„Изминатите 10 дена се уверивме дека секој што не ја почитува владината мерка ќе биде казнет, а секој што ќе применува нечесни трговски практики ќе биде затворен и тука нема да има компромис за никого. Така ќе биде и во иднина, нема да има компромис и ќе биде казнет секој што нема да ги почитува мерките и одлуките на Владата, а оној што ќе го повтори прекршокот ќе биде затворен на подолг временски период“, изјави Трајковски.