Затвореници со дозвола на директорот со службени возила се носеле дома

Поранешниот директор на КПУ Затвор Скопје Ф.А. и затворскиот полицаец С.К. денеска се приведени поради сомнежи за злоупотреба на службена положба и овозможување бегство на лице лишено од слобода. Тие ќе бидат изнесени пред судија на претходна постапка, а во текот на денов полицијата извршила претреси во нивните домови. Против нив, и уште осум лица се поднесени кривични пријави.

Јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција постапувајќи по кривичната пријава поднесена од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерки на претпазливост спрема десет лица вработени во КПУ Затвор Скопје.

Постои основано сомнение дека осомничените како соизвршители сториле кривично дело „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ и кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“, додека прво и десетоосомничениот сториле и кривично дело и „овозможување бегство на лице лишено од слобода“.

Првосомничениот злоупотребувајќи ја својата службена должност на директор на установата, во период од март до јули 2024, со намера да им овозможи корист односно противзаконска поволност на петмина осуденици и привремено да ги ослободи, дозволил и наредил осудените кои биле од висок безбедносен ризик во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности што согласно судските одлуки не им следувале.

Постапувајќи спротивно на одредбите на законските и подзаконски акти за спровод на осудени лица, биле издавани наредби со кои се дозволило осудените лица да бидат спроведени до нивните домови и до други локации за приватни потреби, иако во Постапката за спроведување вон установа јасно е наведено дека спроведувањето на лица лишени од слобода од казнено поправната установа се спроведува единствено до суд, здравствена установа или друг орган.

Ваквото противзаконско спроведување се вршело така што осудените лица доставувале молба до првоосомничениот кој со факсимил или потпис ги одобрувал молбите на осудените повремено да го напуштат затворот. Врз основа на потписот третопријавениот – командир на затворска полиција, кој бил задолжен за спровод, иако знаел дека таквиот вид на спровод е спротивен на закон и процедурите за спровод, изготвувал наредба за спровод на осудените лица која наредба била одобрена од првоосомничениот, а во неколку наврати тоа го сторил второосомничениот – затворски полицаец и личен возач на директорот.
Одобрените наредби третоосомничениот ги предавал на останатите осомничени затворски полицајци, кои иако знаеле дека таков спровод на осудено лице е спротивен на законот и процедурите, го извршувале користејќи службени возила и службено гориво на установата и ги носеле осудените до определените места ослободувајќи ги да извршуваат приватни работи, а по 8 до 10 часа ги враќале назад во затворот. За извршената наредба на дел од осомничените затворски полицајци првоосомничениот им одобрувал прекувремени работни часови. Со ваквите противзаконски дејствија била предизвикана штета на Буџетот на РСМакедонија, за сметка на мала имотна корист за петмината осомничени.

Десетоосомничениот пак, како затворски полицаец, непреземајќи должни мерки и активности при утврдување на бројна состојба на осудени лица, постапил спротивно на одредбите од Правилникот за овластувањата на затворската полиција, начинот на вооружување и вршење на работите на затворската полиција.

Тој при вршење физички проверки за бројната состојба на затворените лица не пријавил дека одредена група на осудени лица сместени во импровизирани простории не се присутни, туку напротив, констатирал дека нема отсутни. Така, при ненајавен вонреден надзор од страна на Управата за извршување на санкции, било констатирано дека недостасуваат 11 осудени лица, а истите не биле пријавени дека не се присутни. Со непреземање на дејствија што му биле во надлежност, осомничениот сторил кривично дело „овозможување бегство на лице лишено од слобода“. За истото дело е осомничен и тогашниот директор на затворот кој бил должен да преземе соодветни мерки, во однос на просториите во кои биле сместени осудените лица, а кои не исполнувале законските услови. Со непреземање на дејствија и активности им овозможил на осудените лица да бидат сместени во импровизираните простории без посебен надзор како што налага Законот за извршување на санкции, со што создал и овозможил услови кои што довеле до нивно бегство.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд, ценејќи ги околностите, а заради непречено водење на кривичната постапка и обезбедување присуство на обвинетиот, поднесе предлог за определување на мерки на претпазливост како поблаги мерки за обезбедување присуство на осомничените и тоа: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска на осомничените да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи Судијата на претходна постапка, како и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница односно забрана за нејзино издавање, Забрана за приближување или воспоставување, односно одржување контакти или врски со определени лица – осомничените во оваа постапка, како и Забрана за преземање на определени работни активности – затворски полицаец, а кои се поврзани со кривичното дело.