Застрашувачки бројки зад името на Хари Кејн сезонава во дресот на Баерн Минхен

Баерн Минхен долго време се мачеше да го ангажира Англичанецот Хари Кејн во своите редови, а тоа ќе испадне можеби една од најдобрите набавки во историјата на германскиот гигант.

Капитенот на репрезентацијата на Англија блеска во дресот на баварскиот клуб и целосно ги оправдува вложените 95 милиони евра.

Кејн синоќа беше двоен стрелец во победата на Баерн против Галатасарај во Лигата на шампионите, а можеше да постигне и хет трик доколку не ја погодеше стативата во 53. минута.

Во досегашниот дел од овогодинешната Лига на шампиони, Хари на четири натпревари постигна четири гола и имаше две асистенции.

Уште поимпресивен е неговиот настап во Бундеслигата, каде на 10 натпревари постигна 15 голови со пет асистенции.

Досега на 14 натпревари постигна вкупно 19 гола и имаше седум асистенции за гол.